Македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски беше најзаслужен за победата на романска Констанца против Железничар со 24-20 на Меѓународниот ракометен турнир „Струга 2018“.
Романскиот состав кој од клупата го предводи Звонко Шундовски, добро го отвори натпреварот, ги искористи грешките на Железничар и поведе со 4-0 уште на стартот.
По почетниот шок, српскиот тим фати ритам и намали на 7-5, но тогаш Митревски со неколку успешни одбрани ја прекина серијата на Железничар, а Констанца на одмор замина со предност од 12-9.
Македонскиот репрезентативец беше клучна фигура во играта на Констанца и во второто полувреме. На десетина минути пред крај Железничар дојде до изедначување на 19-19. Во моментите кога избраниците на Веселин Вујовиќ беа на праг да направат пресврт, одново ги сопре Никола Митревски и на крај стави точка на натпреварот со двојна парада и со вкупно 14 одбрани. Констанца одигра посигурно во финишот и стигна до првата победа во Струга по ремито на стартот против Алингсас.
Во последниот натпревар вечерва Тулуз го победи Бешикташ со 32-28.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА