Никола Митревски уште една година на голот на Пелистер

Е. Пелистер има сезона за заборав, но битолчани работат напорно на создавање на конкурентен тим со кој во 2026/27 повторно би атакувале на висок пласман.

Значаен чекор во тој правец е направен со денешниот потпис, со кој член на „пелистерци“ и во следната сезона ќе биде Никола Митревски. Одличниот голман ги договори условите за продолжување на соработката на уште една година, со што ќе биде значаен адут на „зелено-белите“ за враќање на врвот на македонскиот ракомет.

„Некои вредности се поважни од секоја победа и секоја титула. Затоа нашата одлука е недвосмиолена – да ги задржиме тие вредности во клубот. Ни претставува задоволство што најдобриот македонски голман и во иднина ќе го носи дресот на Пелистер. Никола Митревски се обврза на нов договор за сезоната 2026/27 со својот матичен клуб, со опција за продолжување и за сезоната 2027/28.

Митревски е роден победник, дете на клубот, човек кој се изгради и како личност и како професионален со преку две децении врвен ракомет. Освојуваше титули каде и да настапуваше, но задоволството е уште поголемо кога заеднички се радуваме на трофеи во Битола. Така ќе биде и во иднина.

Митревски е столб на репрезентацијата, а таа била и секогаш ќе биде составувана од најдоброто од Пелистер. Пред да се врати во нашиот клуб Митревски настапуваше и за Вардар, Металург, Констанца, Бенфика и Порто“, објави Е. Пелистер.

Се вчитува...