Никола Тасев: Во СЦ Кале ќе играат багери наместо спортисти

Претпоставувам дека заради корона кризата, но и заради праксата во Македонија секоја афера да живее по 2-3 дена и без завршница, оваа тема не беше доволно истражена. Може некој и сака и прави таа брзо да биде ставена под тепих? Влогот е голем – СЦ Кале е распослан на атрактивна локација – мерак за градежните фраери и нивните компањони во секоја власт.

Пишува: Никола Тасев

СЦ Кале е одлично смислен спортски комплекс, на одлична локација и нему му треба само мало реновирање за да биде повторно место каде што ќе се раѓаат нови спортски ѕвезди и ќе се освојуваат титули. Но, нашите властодржци не работат на ситно, тие се големи градители. И така почна газењето врз спортската традиција на СЦ Кале. Тоа што испланираа и започнаа Груевци, најверојатно ќе го завршат Заевци. И се, во интерес на градежната мафија и своите џебови, а на штета на граѓаните и спортистите.

Антикорупциската комисија деновиве не потсети повторно на скандалот, во кој советникот за спорт на премиерот, речиси „сам на себе” си го издаде просторот на СЦ Кале за следните 30 години.

Претпоставувам дека заради корона кризата, но и заради праксата во Македонија секоја афера да живее по 2-3 дена и без завршница, оваа тема не беше доволно истражена. Може некој и сака и прави таа брзо да биде ставена под тепих? Влогот е голем – СЦ Кале е распослан на атрактивна локација – мерак за градежните фраери и нивните компањони во секоја власт.

Затоа во овој случај погрешно е гледиштето дека ова е само спортски коруптивен скандал. Позадината е поголема и покомплексна. А за да можам поедноставно да го објаснам ќе направам кратка сторија од 5 слики.
Како вовед првин ќе ја погледнеме сегашноста преку Третата слика:

СЛИКА 3: ПУКНА СКАНДАЛ. Во јавноста се обзнанини дека советникот на премиерот за спорт го добил СЦ Кале на 30 годишно рентање со спорен договор. Нереално, неморално и ако сакате нечесно е функционер – прв човек на Премиерот за спорт да остварува корист за себе, преку злоупотреба на позицијата. Дури Договорот да е и максимално коректен, тоа не е во ред. Но, договорот не само што не е коректен, туку е и спорен по неколку основи и имплицира дека Советникот не си го подарил тој спортски простор заради развивање на спортски активности, туку за други цели. Ова се гледа од одредбата дека Државата е согласна Советникот „сите запуштени и руинирани содржини да се пренаменат во други содржини кои се во согласност на ДУП на Град Скопје”. Понатаму, Државата е согласна, Советникот да вклучи коинвеститори за изградба на нови содржини, па дури и да му помогне да обезбеди градежни дозволи, а да му даде и предност за купување на просторот доколку одлучи да го продаде. Најспорно е од се е ставката дека евентуално изградените објекти од траен карактер по истекот на договорот Државата му признава на Советникот 80 отсто сопственост.

СЛИКА 2: И ЛИЗГАЛИШТЕТО СЕ ЛИЗНА. Она што во целата приказна е симптоматично е што еден месец пред „сам на себе” да си го издаде просторот во СЦ Кале, истиот Советник им го даде Лизгалиштето Кале на Лизгачката федерација. Овој договор не го виде јавноста, но голема е веројатноста дека има слични ставки како и договорот опишан во Слика 3. Со овие два договора се комплетира една голема и атрактивна парцела – како по мерка за градежните компании.

СЛИКА 1: А КАКО СЕ ЗАПОЧНА? Пред 5-6 години поранешната власт на ВМРО преку Министерството за транспорт и локалната скопска власт го бендиса овој простор и ги почнаа подготовките за промена на ДУП-овите во делот кај СРЦ Кале. Инвестицијата во новата луксузна населба требаше да биде од Русија. Но реакциите од Амбасадата сместена на Кале и останатите проблеми кои почнаа да и се јавуваат на власта на ВМРО, која почна да се распаѓа, ги спречија да ја довршат идејата: спортските содржини на Кале да ги срамнат со динамит и да изградат згради.

СЛИКА 4: ЧЕКАЊЕ ДА СЕ СТИША БУРАТА. Логиката кажува дека, оние кои сега му се имаат намерачено на СЦ Кале, ќе почекаат некое време да се подзаборави аферата, во меѓувреме ќе си ги подготват сите договори и дозволи, ќе отидат на „бацирака” кај што треба и ќе ги пуштат багерите да играат по спортските објекти, уништувајќи ја спортската традиција на Кале.

СЛИКА 5: КАДЕ БИЛ НЕКОГАШ СЦ КАЛЕ? За десетина години веќе никој нема да се сеќава дека на тоа место имало лизгалиште, базен, место за прошетка, спортски содржини… Таму ќе „живеат” висококатници, луксузни објекти, деловни центри…

И воопшто не е битно во оваа приказна дали главниот јунак на оваа афера се вика Марјан, Даниел или Перо, затоа што тој и не е главниот играч што стои зад оваа афера. Многу бргу ќе се активираат ставките од договорот за коинвеститори и за пренамена на содржините…
Битно е да се знае дека она што го испланира и започна ВМРО на пат е да го доврши СДСМ.

Јас петтата слика не ја посакувам на тој простор. Уште има време да се стопира подлата намера. Скопје не треба да биде претворено во бетон, а за сметка на тоа да изгуби спортот, рекреативците, традицијата…

Се вчитува...