Николиќ: Мислам дека не бев нервозен…, за полуфиналето ќе ни треба и нашиот најголем грб – „Фемили“

Стратегот на МЗТ Скопје, Драган Николиќ сосема очекувано не го криеше задоволството од убедливото издание на својот тим и победата над Кожув во четвртфиналната пресметка од Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“.

Николиќ, на новинарската забелешка дека во одредени моменти од мечот делувал нервозно и покрај тоа што МЗТ целосно доминираше на терен, тренерот на аеродромци низ смеа прокоментира.

„Мислам дека самиот на себе не си делував нервозно на денешниот натпревар, но ете најважно е што успеавме да ги зацртаме нашите цели. Сакам да им честитам и на Кожув за квалитетното издание, и да му посакам и на селекторот Јончевски успеси во идните свои предизвици“ – рече Николиќ по мечот и дополни:

„Сега веднаш размислуваме за следниот предизвик во кој не чека сигурно далеку потешка задача. За полуфиналето сакам да го имаме она што денеска го немавме а што е наш ветар во грб секогаш, тоа се нашите навивачи кои верувам дека на следниот меч ќе бидат во голем број и ќе направат спектакл каков што само тие знаат“.

Се вчитува...