Николов: Едноставните поени ги компликувавме

ЕКИПА во Љубљана,

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

Одбојкарската репрезентација на Македонија го загуби првиот меч на Европското првенство во Словенија. Финска беше подобра и славеше со 3-1 во сетови, а нашите одбојкари можат да жалат затоа што имаа добра игра и водство во сите четири сета. Сепак, на крајот Финска се радуваше на стартниот триумф.

Ристо Николов вели дека Финска знаела да ги искористи грешките на македонскиот национален тим.

„Игравме добро, имавме одлични моменти во текот на мечот, но на крајот сепак загубивме. Можеби искуството на Финска беше пресудно. Сепак, мислам дека ние самите се победивме. Едноставните поени ги компликувавме, а тие „тешките“ знаевме добро да ги решиме. На крајот, освоивме еден сет и доживеавме пораз. Сега треба што побрзо да го заборавиме и да се фокусираме на утрешниот натпревар со Турција“, изјави Ристо Николов по дебитантскиот настап на Македонија на ЕВРО 2019 во одбојка.

Се вчитува...