Николов си заминува од МЗТ Скопје

Кристијан Николов нема да го носи дресот на МЗТ Скопје во наредната сезона откако македонскиот репрезентативец не се договори за продолжување на соработката со актуелниот првак. Договорот на Николов истече со завршувањето на ланската сезона, а откако разговорите за нов договор не вродија со плод тој се реши за продолжување на кариерата надвор од Македонија.

Имено, иако имаше понуди од неколку македонски екипи, плејмејкерот на „металците“ се реши да се врати назад во Турција, државата каде што настапуваше на почетоците на својата кариера. Неофицијално, негов нов клуб ќе биде Коња, екипа што обезбеди камбек во елитното турско кошаркарско друштво.

МЗТ Скопје на плејмејкерската позиција го има Американецот Ајви, а сигурно ќе биде потпишан и најмалку уште еден „комбо-бек“, од кого ќе се очекува да ја преземе и поентерската улога во тимот во наредната сезона, во која македонскиот првак ќе се натпреварува и во АБА1 лигата.

„Металците“ во текот на вчерачниот ден го официјализираа новиот договор со Дамјан Стојановски, а во тек се преговорите и со Војдан Стојановски, кој би требало да остане дел од МЗТ Скопје и во наредната сезона.

Се вчитува...