Николов: Верувам во мојот тим и знам дека можеме уште подобро

По лошиот старт на сезоната во која Кожув забележа четири порази во низа, „црвено-белите“ успеаја да направат пресврт и да стигнат до втората триумф во низа откако на домашен терен го совлада Еуро Никел со 86-79.

Тренерот Павле Николов по натпреварот не го криеше задоволството од победата како и прикажаното на неговите играчите.

„Тренираме напорно да го надминеме проблемот кој го имавме со „спејсингот“ и мала недоверба која ја имаат играчите меѓу себе. Знам дека овој тим е навистина добар и само треба да ја најдеме вистинската формула и секој играч да го даде максимумот. Верувам во овој тим и знам дека ќе биде уште подобар. Ни фалеа детали, а сега со Синадиновиќ добиваме и поголема стабилност“, изјави за ЕКИПА, Николов.

Кожув заостануваше во првото полувреме, но успеа да ја поправи својата игра во вторите 20. минути. Добрата одбрана ги натера гостите на грешки во клучните моменти, а избраниците на Николов знаеја да го наградат трудот на спротивната страна на паркетот.

„Во второто полувреме момците изгинаа и им честитам за тоа. Мотивацијата која ја имавме за да стигнеме до победа беше клучна за овој натпревар, а им благодарам на публиката, еден фактор кој многу ни значи и се надевам дека како што ќе минат натпреварите ќе имаме и поголема помош од нив“, додава тренерот на Кожув.

Следниот предизвик за Кожув е Куманово, тим кој се наоѓа во резултатска криза, но како што вели младиот стратег „сино-белите“ не смеат да се потценат без разлика на сите проблеми.

„Без разлика на сите проблеми кои ги има Куманово не смееме да ги потцениме. Ќе го подготвиме тој натпревар како и секој останат. Знам како е да играш во таа сала. Нема да биде лесно и затоа ќе бидеме максимално подготвени за тоа што следи“

Се вчитува...