Ништо ново од Металург, добро прво полувреме, па пораз во ЛШ

Металург го претрпе и третиот пораз во низа во Лигата на шампионите, втор на домашен терен откако тимот на Данило Брестовац денеска капитулираше пред Татран Прешов со резултат 24-29. Како и многу пати претходно сезонава, повторно кобно за македонскиот вицепрвак беше второто полувреме. И овојпат „металурзите“ во првиот дел целосно му парираа на противникот, но во исто темпо издржаа само уште десет минути од второто полувреме, по што гостите од Словачка експресно се одлепија и го решија прашањето на победникот на овој натпревар што Металург како домаќин го играше во салата на Вардар, во СЦ „Јане Сандански“.

Првите минути минути веднаш донесоа проблеми за Металург, па гостите од Словачка за неполни пет минути поведоа со убедливи 0-4. Младиот состав на Металург покажа карактер, па во следните четири минути возврати со иста мера, израмнувајќи на 1-1 со беспрекорниот лоб на пивотот Арсеновски. Танкоски од контранапад донесе и прво водство од 5-4, по што до средината на првото полувреме можеше да се проследи израманета игра (7-7).

При овој резултат Шилегов не искористи Металург, но македонскиот претставник ја искористи ситуацијата со двајца играчи повеќе на теренот и преку Танкоски стигна до водство од 9-8 во 22. Минута од натпреварот. Велковски имаше идеална шанса да го донесе својот тим на „плус два“, но неговиот шут од контранапад беше одбранет од страна на Чуприна. Во следниот напад промаши и Јагањац, кој веднаш потоа на спротивната страна направи и пенал за исклучување. Татран го искористи тоа, повторно го сврте резултатот во своја полза, поведе и со 11-13, пред Токиќ пред самиот звук на сирената да ги постави конечните 12-13 по 30 минути игра.

Металург го отвори второто полувреме со два брзи гола, но во следниот период Татран Прешов предводен од Лапајне лесно наоѓаше лек за одбраната на тимот на Брестовац, повторно поведувајќи со два гола разлика (15-17, 16-18, 17-19). Како што минуваше времето, снемуваше сила и концентрација, па на половина од второто полувреме Словаците реализираа за 19-23, и тоа по аут по една одлична интервенција на Мартин Томовски.

Прашањето на победникот веќе беше решено, македонските ракометари тешко наоѓаа начин да го совладаат голманот Чуприна, а на спротивната страна Мартин Томовски со неколку добри интервенции спречи поразот да биде уште поубедлив. На крајот, Татран заслужено стигна до бодовите, а Металург сепак ќе мора уште да почека за својата прва победа сезонава.

 Најефикасни кај „металурзите“ беа Танкоски, Серафимов и Јагањац со по пет гола, добра партија имаше и голманот Томовски, но и тоа беше ндоволно за да се изненадат гостите од Словачка.

Македонскиот вицешампион во следните две кола го очекуваат две гостувања, во Данска против Силкеборг и во Русија против тимот на Чеховски медведи.

Се вчитува...