Ниту Торонто не ги запре „ракетите“ од Хјустон

Хјустон рокетс забележа уште една значајна победа, овојпат на домашен терен против Торонто репторс со минимални 121-119. „Ракетите“ имаа „плус единаесет“ на 1:14 минута до крајот, но потоа гостите постигнаа три тројки во серија и резултатот на 24 секунди пред крајот беше само „плус два“ за домашниот тим. Хјустон не го искористи својот последен напад, а Торонто доби и шанса за победа, но шутот за три поени на Ленард беше непрецизен и „ракетите“ сосема заслужено се радуваа на големата победа.

Џејмс Харден постигна 35 поени, продолжувајќи ја серијата од дури 22 средби во кои асот на Хјустон постигнува над 30 поени. Одличен настап имаше Кенет Фариед, кој неодамна беше отпуштен од Бруклин, а синоќа учествуваше со 21 поен и 14 скокови во триумфот на „ракетите“.

Милвоки останува тим со најдобар скор во лигата откако по голема битка го совлада Шарлот со 108-99. Гостите водеа во поголемиот дел од натпреварот, но на крајот пресуди извонредната последна четвртина на Милвоки, што домашните кошаркари ја добија со 32-12, за пресврт и победа.

Далас во меч со многу пресврти на крајот сепак успеа да слави над Детроит со 106-101. Лука Дончиќ со 32 поени беше најефикасен во победничкиот тим, а клучен момент на мечот беше тројката на Клебер за водство на Далас од 100-97, по која домашниот тим ја задржа предноста до самиот крај.

Резултати НБА:

Орландо – Вашингтон 91-95, Бруклин – Њујорк 109-99, Кливленд – Мајами 94-100, Чикаго – ЛА клиперс 101-106, Хјустон – Торонто 121-119, Мемфис – Сакраменто 96-99, Далас – Детроит 106-101, Милвоки – Шарлот 108-99, Денвер – Феникс 132-95, Јута – Минесота 106-102.

Се вчитува...