Низ историјата на ЕП: Шампиони, МВП, најдобри стрелци, голмани…

На два дена пред официјалниот почеток на новиот европски шампионат, време е за мало навраќање низ историјата на континенталните ракометни собири.

На четири од последните пет ракометни ЕП учествуваше и Македонија, а последното во кое нашиот национален тим не беше дел е она во 2010 година што се одржа во Австрија. Франција се закити со трофејот откако во финалето ја совлада Хрватска, а третопласирана беше селекцијата на Исланд. Најдобар стрелец со 53 гола беше Филип Јиха, кој го доби и МВП признанието. Зад чешкиот ас на листата на стрелци се најдоа Лука Жвижеј со 41, Никола Карабатиќ со 40, Арнор Атласон 66 и Гудјон Валор Сигурдсон со по 62 погодоци… Најдобар голман на овој шампионат беше Славомир Шмал со 39% успешност во интервенциите, пред Тиери Омејер и Мирко Алиловиќ.

Европскиот шампионат во Србија во 2012 година останува запишан како најголем успех на нашиот репрезентативен ракомет, по петтото место кое значеше и учество во првите предолимписки квалификации. Кире Лазаров беше убедливо најдобар стрелец со 61 гол, пред Словенецот Гајиќ со 48 и Данецот Хансен со 45 постигнати погодоци. Хансен на крајот го крена шампионскиот пехар откако со Данска го освои златото, во финалето совладувајќи ја Србија. За МВП беше избран Момир Илиќ, а најдобар дефанзивец Шпанецот Виран Морос.

На Европското првенство во Данска во 2014 година триумфираше Франција, која во финалето ја декласираше домашната селекција. Третото место и припадна на Шпанија. Најдобар стрелец беше поранешниот член на Вардар, Жоан Канелјас со 50 гола, пред Сигурдсон со 44, Хансен со 39 и Кире Лазаров со 38 погодоци. Никола Карабатиќ беше избран за МВП на шампионатот, а Швеѓанецот Карлсон за најдобар одбранбен ракометар.

Кире Лазаров беше меѓу најдобрите стрелци и на ЕП во Полска во 2016 година, кога македонскиот „бомбардер“ постигна 42 погодоци. Поефикасни од него беа Валеро Ривера со 48, Тобијас Рајхман со 46, Кристијан Бјернсен со 45 и Мануел Штрлек  со 43 гола. Титулата ја освои Германија, откако во големото финале по огромна битка славеше над Шпанија, а МВП на шампионатот беше Раул Ентрериос.

Најдобар голман беше Винсан Жерар со 37% успешност во интервенциите, пред Андреас Волф и Виктор Киреев со по 36%, Тиери Омејер и Матијас Андерсон по 35%.

Последното ЕП се одигра во Хрватска, каде Македонија по извонредниот прв круг поради малерозната повреда на Кире Лазаров не можеше да се вмеша во борбата за највисок пласман. Арпад Штербик дојде во Загреб за самата завршница и ја донесе титулата на „црвената фурија“, во финалето совладувајќи ја Шведска, додека фаворизираната Франција на крајот мораше да се задоволи само со бронза. Џим Готфрдисон од Шведска беше избран за МВП на овој европски шампионат ,а Хрватот Јаков Гојун за најдобар дефанзивец.

Здрахала од Чешка беше најдобар стрелец со 56 погодоци, пред Данците Хансен и Лауге со 43, односно 40 постигнати гола. Најдобар процент на одбрани имаше Словенецот Кастелиц (41%), а меѓу најдобрите голмани се најде и Македонецот Никола Митревски со 35% успешност во интервенциите (38 одбранети удари од 108 упатени кон неговиот гол).

Се вчитува...