Ноќ на рекорди: Роналдо го стигна Раул, Реал прв до 6.000 гола во Примера

Реал Мадрид славеше со 3-5 на гостувањето против Бетис во фантастичниот натпревар што вечерва се одигра во Севилја. За „кралевите“ трката за титулата е веќе загубена, но со оваа победа се приближија на само еден бод зад Валенсија (и меч помалку во однос на „лилјаците“) во трката за третото место, кое значи и директен пласман во ЛШ следната сезона.

Мечот го одбележаа интересни рекорди, па така Реал стана првиот клуб во историјата на Примера дивизион што постигнал 6.000 погодоци во елитното шпанско фудбалско друштво. Воедно, Роналдо со вечерашниот погодок го израмни рекордот на клупската икона Раул за постигнати погооци на 264 различни натпревари во дресот на „кралевите“. До рекорд, но неславен, стигна и Серхио Рамос, кој стана фудбалер со најмногу жолти картони во историјата на Примера (вкупно 162).

Што се однесува до самиот натпревар, Асенсио на самиот почеток го доведе Реал во водство, но Бетис набрзина направи пресврт и на одмор замина со предност од 2-1. На 2-2 на самиот почеток од вториот дел израмни Рамос, а потоа новиот пресврт го комплетираа Асенсио и Роналдо. Бетис намали на 3-4 на пет минути до крајот, но точка на натпреварот стави Бензема, кој влезе во игра само неколку минути претходно на местото на Роналдо.

Се вчитува...