Нордијци од осум европски земји на 56. „Мавровски меморијал“

Се е подготвено за традиционалната нордиска манифестација „Мавровскиот меморијал” која од 12. до 14. февруари по 56-ти пат ќе се одржи во нашава земја, информираа организаторите на денешната заедничка прес-конференција со Агенцијата за млади и спорт.

Вообичаено и оваа година ќе има трки во машка и во женска конкуренција на 10 и 5 километри, пријавено е учество на нордијци од осум земји, Хрватска, Црна Гора, БиХ, Бугарија, Грција, Турција, Србија и секако домаќинот Македонија.  По 20 во машка и женска конкуренција на патеката од 10 односно 5 километри, ќе настапат и звучните имиња како Ангелис Апостолис одГрција, Мартин Пенчев од Бугарија, Дадиќ Еди од Хрватска, и секако македонскиот претставник Ставре Јада.

„Мавровски меморијал е спортска манифестација која го промовира едно од најубавите туристички места во Македонија. Агенцијата за млади и спорт како и секоја година претходно, така и овој пат, финансиски и логистички ќе ја поддржи организацијата на овој меѓународен, традиционален настан, кој првата реализација ја имаше далечната 1962 година. Натпреварот се одржува во спомен на 38-те градители на електро системот Мавровка и 14 храбри граничари, кои го загубија животот во снежната лавина 1956 година. Нашата визија е да се најдеме во европската елита на нордиското скијање, и затоа  и оваа година ќе се потрудиме да оставиме впечаток на добри домаќини и организатори, и да го направиме овој ФИС натпревар еден од најдобро организираните меѓународни настани на Балканот. Ја користам оваа прилика, да упатам апел до сите вљубеници во зимските спортови, на планинските убавини на Македонија, да бидат дел од овој настан, во насока на поддршка на македонските претставници во нордиско скијање, но и спортот во целина“ – истакна директорот на Агенцијата за спорт и млади, Дарко Каевски.

Како што соопшти, пак, селекторот на македонската нордиска репрезентација Ѓоко Диневски, покрај стандардните трки на 5 и 10 километри во машка и во женска конкуренција, ќе има и детски трки за дополнителна афирмација на нордиското скијање кај најмладите.

Директниот пренос од манифестацијата е закажан за 12. и 13. февруари, сопочеток од 10 часот, на ТВ 24.

Се вчитува...