Норвешка е во финалето, Франција без одговор за светските шампионки

Норвешка е селекцијата што ќе се спротивстави на Данска во големото финале на ЕП 2022, откако Норвежанките во вечерашното полуфинале ја совладаа Франција со резултат 28-20. Французинките со шест победи во Скопје отпатуваа за Љубљана, но таму налетаа на незгодниот ривал, кого не успеваат да го совладаат веќе 22 години на европските шампионати. Таа црна традиција за Франција продолжи и во Словенија, откако слабото полувреме полувреме им пресуди на избраничките на Крумбхолц.

Офтедал беше незапирлива за Франција на самиот почеток од натпреварот, постигнувајќи голови и изнудувајќи пенали што Нора Мерк ги претвораше во погодоци. Французинките барем беа во посакуваниот ритам во нападот, па успеваа да одржуваат неизвесност во текот на целото прво полувреме. На одмор се замина со минимални 12-11 за Норвешка, по извонредната двојна интервенција што голманот Солберг ја имаше во самиот финиш од полувремето.

За разлика од првите 30 минути, оние вторите минаа во знакот на Норвежанките. Актуелниот светски и европски првак одигра извонредно во одбраната, Солберг одбрани неколку чисти удари на Французинките исфрлајќи ги од ритам, по што предноста на норвешкиот состав се повеќе растеше. Резултатот на осум минути до крајот гласеше 24-19 за норвешкиот национален тим, кој до крајот уште повеќе ја зголеми својата позитива, за конечни 28-20.

Нора Мерк беше беспрекорна во изведувањето на пеналите и го заврши мечот со осум гола од исто толку обиди, Офтедал постигна седум гола за Норвешка, додека Зади Деуна со пет гола беше најефикасна кај Франција.

Се вчитува...