Норвежаните му порачаа на Инфантино: Друже заминувај веднаш!

Притисокот врз претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, продолжува да расте. Норвешката фудбалска федерација официјално побара негова итна оставка, по контроверзијата предизвикана од неуспешниот план за продажба на сопственички удел во комерцијалните права поврзани со Светското првенство.

Претседателката на Норвешката фудбалска федерација, Лизе Клавенес, изјави дека довербата во првиот човек на светскиот фудбал е дефинитивно изгубена.

„Одлучивме дека повеќе немаме доверба во Инфантино. Со години чувствуваме постојана загриженост, а сега е направен уште еден чекор во погрешна насока. За нас, довербата е изгубена, нема враќање назад за Инфантино“, изјави Клавенес во интервју за „Гардијан“.

Новиот удар за Инфантино уследи по бурните реакции на планот на ФИФА да дозволи инвестиции од приватни фондови и продажба на удели поврзани со приходите од Светското првенство преку нејзината комерцијална подружница „FIFA Forward Enterprise“ (FFE).

Во меѓувреме, ФИФА се откажа од проектот и упати извинување, но тоа очигледно не го стивна незадоволството на европските фудбалски федерации. УЕФА во четвртокот објави дека сè уште не е исклучена можноста за бојкот на натпреварувањата под покровителство на ФИФА, без оглед на повлекувањето на контроверзниот план.

Се вчитува...