Нов формат, иста цел – Почнува трката за нов европски кошаркарски владетел

Почнува трката за нов европски кошаркарски владетел. Иако форматот е нов, целта е иста, освојување на трофејот кој сите гиганти од стариот континент го посакуваат. Евролигата не навикна на промени од година во година, а истиот случај ќе биде и сезонава. Наместо досегашните 16, сезонава во елитното натпреварување ќе учествуваат 18 екипи. Според многумина сезоната ќе биде една од најквалитетните и најизрамнетите во Европа.

Бранителот на титулата ЦСКА Москва летово остана без првите две ѕвезди Нандо де Коло и Серхио Родригез, но клубот од главниот град на Русија се уште има респектабилен тим кој е меѓу кандидатие за највисок резултат. Тука е најкорисниот кошаркар од Ф4 турнирот минатата сезона Вил Клејбурн кој треба во недостаток на Де Коло и Родригез треба да е лидер на новиот тим.

Како прв фаворит многумина ја сметаат Барселона која летово беше најактивна на пазарот. Го потпишаа Никола Миротиќ кој е најскапиот кошаркар во историјата во Европа, a во Каталонија пристигнаа и Кори Хигинс и Алекс Абринес. Светислав Пешиќ има тим кој треба да го детронизира Реал Мадрид во шпанското првенство, но и минимум да се пласира на Ф4 турнирот во Евролигата.

Реал Мадрид го задржа поголемиот дел од ростерот од минатите две сезони. Тука се Љуљ, Фернандез, Таварес, а како ново засилување е одличниот Аргентинец Лапровитола кој беше еден од најдобрите кошаркари на „гаучосите“ на Мундобаскетот во Кина.

Жељко Обрадовиќ со Фенербахче ќе се обиде да стигне до десетиот трофеј во елитното натпреварување, откако минатите две сезони мораше да се задоволи само со учество на Ф4. Тој во тимот го доведе Нандо де Коло, a тука е и Дерик Вилијамс кој е најнова аквизиција на клубот од Истанбул.

Меѓу фаворитите од сенка се италијанскиот Армани Милано и финалистот од минатата година Анадолу Ефес. Италијанците завршија одлична работа во трансфер периодот доведувајќи ги искусните Серхио Родригез и Луис Скола, а ќе бидат предводени од големиот Еторе Месина. Анадолу Ефес минатата сезона беше хит, а Ергин Атаман знае дека годинава ќе биде многу тешко да се повтори минатогодишниот успех. Останаа Ларкин и Мициќ, а дојдоа и Крис Слингтон и Алекс Питерс.

Грчките тимови никогаш не смеат да се отпишат. Олимпијакос со искусните Спанулис и Принтезис секогаш може да одигра кога е најпотребно и повторно да биде дел од четирите најдобри во Европа. Панатинаикос клуб кој го презеде приматот во Грција последните неколку сезони довее седум нови кошаркари, а лидер на тимот ќе остане искусниот Ник Калатес.

АБА лигата како претставник во елитното натпреварување ќе ја има Црвена Звезда, која и покрај изненадувачкиот пораз во регионалниот Суперкуп, влегува со големи очекувања во новата сезона. Дел од Евролигата ќе бидат шпанските Басконија и Валенсија, руските Химки и Зенит, германските Баерн и Алба, константниот Жалгирис, институцијата Макаби и францускиот Асвел на кој веројатно ова ќе му биде последна сезона во Евролигата бидејќи му истекува лиценцата.

Фајнал-форот сезонава ќе се игра во „ракометната“ „Ланксес арена“ во Келн, а на програмата ќе биде од 22. до 24. мај следната година.

Се вчитува...