Нов хаос пред стартот на СП 2026, само што се смири ситуацијата околу Иран. Сега, на репрезентацијата на Конго, им е забранет влез во САД во период од 21 ден, со наредба да бидат во изолација поради епидемијата на ебола во нивната земја.
Конго се подготвува за својот втор настап на Светското првенство и прв од 1974 година.
Нивните подготовки воопшто не беа едноставни, бидејќи земјата е погодена од нова епидемија на ебола во форма на сојот Бундибугио. Веќе има 750 сомнителни случаи и 177 смртни случаи во Конго.
Светската здравствена организација го зголеми нивото на ризик во Конго на „многу високо“ во петокот. Вирусот предизвика откажување на планираните настани во главниот град Киншаса, каде што беше закажано специјално испраќање и отворен тренинг на репрезентативците.
Сепак, мораше да се преземат поекстремни мерки, бидејќи целиот тим сега мора да биде во карантин 21 ден.
Тоа е наредба од американските Центри за контрола и превенција на болести, кои не дозволуваат влез во земјата на луѓе кои не се државјани на САД и кои престојувале во Конго, Уганда или Јужен Судан во последните 21 ден.
Конго, кој има играчи како Ван-Бусака и Јоане Виса, планираше да игра пријателски натпревари против Данска и Чиле во Белгија и Шпанија.
Тие моментално тренираат и се во изолација во Белгија, а Ендру Џулијани, извршен директор на работната група за Светското првенство во Белата куќа, разговараше околу целаата ситуација.
„Бевме многу јасни со Конго дека треба да го одржат интегритетот на нивната изолација 21 ден пред да можат да дојдат во Хјустон на 11 јуни. Исто така, и ставивме до знаење на конгоанската влада што мора да прават, во спротивно ризикуваат да не можат да патуваат во Америка. Не можеме да бидеме појасни“ – рече Џулијани.
Конго треба да игра пријателски натпревар против Данска на 3 јуни, а потоа против Чиле на 9 јуни.
Тие дадоа јасен одговор на Америка и немаат апсолутно никаква намера да го променат својот план.
„Ја задржавме нашата програма за тренинг. Ниту еден играч во тимот не дојде од Конго“ – изјавија од Конгоанската фудбалска федерација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
