Нов „изум“ на КФСМ: Бараж во „пет до дванаесет“ за камбек на Шкупи во елитата!

Хаосот во мак-баскетот пред самиот почеток на новата сезона ќе кулминира со новиот „изум“ на „куќата на кошарката“, последниот учесник во елитното друштво да биде одреден преку бараж меѓу КК Ангели и КК Шкупи. Принципот „пу пу не важи“ во КФСМ од старата се сели и во новата гарнитура во федерација, особено кога станува збор за изнаоѓање на начин за Шкупи „морално“ да остане дел од елитата.

Само за потсетување, самата федерарација испрати писмена покана до КК Ангели да стане дел од Првата лига на местото на Блокотеха, што беше прифатено од страна на овој второлигаш. Во текот на оваа седмица доаѓа до пресврт, па Комесарот Гечевски доаѓа до „генијален изум“ – Ангели како најдобар второлигаш (зад оние кои обезбедија промоција) да играат бараж дуел со Шкупи, како последнопласирана екипа од ланската сезона во Првата лига.

Преседанот е уште поголем ако се знае дека екипата на Шкупи лани службено загуби две средби (воопшто не се појави на терен на вториот бараж за опстанок против ФМП), но тогаш не беше санкционирана од истиот Комесар за натпреварување. Воедно, ниту Шкупи ниту пак Ангели немаат составено комплетен ростер чекајќи го расплетот околу својот статус и лигата во која ќе се натпреваруваат.

За денеска е најавен нов состанок меѓу клубовите на кој ќе се дискутира за овој проблем, за одлуката потоа да биде верификувана на состанокот на УО на КФСМ следната седмица. За жал, како што стојат работите ќе важи непишаното правило „овој мора да игра“, без разлика на спортскиот и резултатскиот аспект, па дури и кршењето на самите норми во „куќата на кошарката“.

Се вчитува...