Нов „кикс“ на Борусија: Само бод против Бохум

Во Бундес-лигата како никој да не сака да стане шампион, откако Баерн Минхен и Борусија Дортмунд наизменично се менуваат со „киксеви“ во трката за титулата. Борусија влезе во ова коло како лидер, но „милионерите“ повторно загубија драгоцени бодови, ремизирајќи само 1-1 на гостувањето против Бохум.

Дуелот почна одлично за аутсајдерот, кој со прекрасен погодок на самиот старт поведе со 1-0, но гостите од Дортмунд експресно возвратија со погодокот што го постигна Адејеми. Борусија има за што да жали бидејќи во првото полувреме создаде уште неколку убави шанси што не успеа да ги претвори во целосен пресврт.

„Милионерите“ беа подобар ривал и во второто полувреме, но голманот на Бохум со неколку одлични одбрани ги запре Мукоку, Белингем и соиграчите. За одбележување е и сомнителниот момент кон средината на вториот дел, кога Адејеми беше фаулиран во шеснаесетникот, но ниту главниот судија, ниту арбитрите од ВАР собата не покажаа не белата точка.

Борусија Дортмунд сега има два бода предност во однос на Баерн, но баварците имаат можност со победа в недела против Херта да се вратат на чело на табелата.

Се вчитува...