Нов Македонец на „Маракана“: Брдаровски понуден на Црвена звезда

Даниел Аврамовски и Давид Бабунски не се прославија во дресот на Црвена звезда и среќата си бараат што подалеку од актуелниот првак на Србија. Сепак, многу лесно може да се случи „црвено-белите“ да имаат нов македонски фудбалер во своите редови, откако денеска беше обелоденето дека на тимот од „Маракана“ му било понудено во своите редови да го доведе Владица Брдаровски.

Десниот бек е стандарден во првиот тим на Вардар откако конечно доби шанса да ги покаже своите квалитети крај Ерменецот Хамбарџумјан, но Брдаровски веќе размислува и за својот следен чекор во кариерата. На преселба во Црвена звезда во секој случај се гледа како на чекор напред, па токму затоа Брдаровски преку агентот на Луис Ибањез, Дарко Алегиќ, е понуден на белградските „црвено-бели“.

Знаете какво мислење имам за Црвена звезда по прекрасното искуство со Ибањез, никогаш не би препорачал фудбалер за кого не верувам дека може да ги задоволи стандардите на овој клуб. Тврдам дека Брдаровски би бил топ-засилување. Пред летните мечеви меѓу Вардар и Динамо скаутите на хрватскиот шампион предводени од Марјан Влак го означија токму овој фудбалер како најсилно оружје на Вардар. Тој беше одличен на тие средби, ја заинтересира и Ријека, но мислам дека во Белград ќе има што да покаже“ – изјави Алегиќ.

Како што јавуваат српските медиуми, прв „пик“ на Црвена звезда останува словенечкиот репрезентативец Бобан Јовиќ, кој настапува во Висла. Сепак, Брдаровски важи за економски поисплатлива инвестиција од Словенецот, па затоа македонскиот десен бек станува сериозна опција при потрагата на српскиот шампион по нови засилувања.

Се вчитува...