Нов „маратон“ и нова победа на Еуро Никел

Составот на Еуро Никел стигна до седмата победа во низа откако успеа да го добие „маратонскиот“ натпревар од 50. минути против екипата на Куманово со 112-111 на домашен терен. Двата тима одиграа различни полувремиња, кавадарчани доминираа во првиот дел, додека кумановци успеаја да се вратат во игра преку шутот за три поени во вториот, а по двете продолженија двата бода останаа во „Јасмин“. Интересно, ова е вториот ваков натпревар за Еуро Никел оваа сезона, а избраниците на Самарџиев успеаја да слават и на првиот дуел кој беше одигран во Битола против Пелистер.

Натпреварот започна во изедначено темпо на двете страни од паркетот во кој и покрај тоа што тимовите имаа свои моменти, по 10. минути игра ниеден не успеа да направи значајна предност (16-14), а во продолжението од првото полувреме прв иницијативата ја превзема Еуро Никел. Петровски и Перовиќ им се приклучија на Соколов и Рикиќ во домашниот состав, кои преку шутот за три поени го наполнија кошот на кумановци. Избраниците на Ѓеорѓиевски се одржуваа во игра преку Андрејевиќ и Џекиќ, кои доминираа во рекетот, но на полувремето домаќините заминаа со предност од 42-34.

Шутот за три поени не го служеше Куманово во првото полувреме, но „сино-белите“ од северот одговорија одлично на почетокот на второто. Со пет тројки во третата четвртина, избранците на Ѓеорѓиевски успеаја да се вратат во игра и да ја намалат негативата на 65-63 по 30. минути игра. Во играта во серии ниеден тим не успеа да направи значајна предност во регуларниот дел (86-86) од натпреварот и покрај тоа што двата тима имаа шанса да ја осигураат победата.

Дополнителните пет минути не донесоа новитет на паркетот. Во играта „кош за кош“ ниеден тим не успеа да „побегне“ на предност од два напада, па кавадрачани и кумановци мораа и одиграат и второ продолжение, во кое иницијативата ја превзема Еуро Никел кој преку Дубински и Рикиќ стигна до 112-108 на 88 секунди до крајот. Куманово не успеа да ја намали предноста на домаќините преку Ливингстон и Марковски, а гостите го ублажија поразот со тројката на Андрејевиќ на истекот на времето.

Роберт Рикиќ беше незапрлив во рекетот со 30 поени и 14 скока, додека 25 поени и 5 асистенции додаде Јане Петровски. До дабл-дабл учинок стигна и Џексон Дубински кој оствари 16 поени и 13 асистенции, додека Дарко Соколов натпреварот го заврши со 12 поени, 6 скока и 5 асистенции.

Предводник на Куманово со 26 поени, 7 асистенции и 5 украдени топки беше Отис Ливингстон, Бранислав Џекиќ додаде 22 поени и 8 скока, додека 20 поени и 6 скока забележа Андрејевиќ. Стеван Глигоријевиќ постигна 17 поени и 5 асистенции започнувајќи го натпреварот од клупата.

Се вчитува...