Серијата откази во репрезентацијата на САД во пресрет на кошаркарскиот Мундијал во Кина како да нема крај, откако Демијан Лилард се приклучи на долгата листа на кошаркари кои немаат намера да го облечат дресот на националниот тим летово. Во ситуација на бројни откази селекторот Попович се надеваше дека асот на Портланд ќе биде лидер на американскиот состав, но Лилард реши да го следи примерот на Дејвис, Харден, Гордон, Бил, Харис и Меколум и воопшто да не се појави на подготовките на националниот им.
На списокот на американскиот селектор сега се наоѓаат само 13 кошаркари: Кајл Лаури, Кемба Вокер, Донован Мичел, Џејсон Тејтум, Крис Мидлтон, Кајл Кузма, Пол Милсап, Харисон Барнс, Андре Драмонд, Кевин Лав, Мајлс Тарнер, Пи-Џеј Такер и Брук Лопез. Дополнително повикани се и Маркус Смарт, Џејлејн Браун, Џулиус Рендл и Тадеус Јанг, кои треба да се изјаснат дали ќе му се стават на располагање на селекторот Попович.
Едно е јасно – овој состав воопшто не наликува на „дрим-тим“ и дефинитивно може да биде совладан од некоја од останатите врвни репрезентации на мундијалот во Кина, што ќе се одржи од 31 август до 15 септември. Американците во групната фаза ќе се сретнат со Турција, Чешка и со Јапонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА