Нов удар за „уметникот“ – УЕФА создава ново Светско првенство

На самиот врв на светскиот фудбал се подготвува конфликт од институционални размери каков што досега не е виден, а кој би можел засекогаш да го промени изгледот на репрезентативните натпреварувања.

Како што пренесува британскиот весник „Тајмс“, водечките фудбалски конфедерации предводени од УЕФА, северноамериканската КОНКАКАФ и азиската АФЦ размислуваат за покренување сопствено меѓународно натпреварување што би било директен конкурент на Светското првенство на ФИФА.

Овој драстичен потег се планира како одговор доколку актуелниот претседател на ФИФА, Џани Инфантино, одлучи да се кандидира за четврти последователен мандат на чело на кровната фудбалска организација. Покрај потенцијалното воведување на конкурентско натпреварување, противниците на политиките на Инфантино размислуваат и за целосен „бојкот на одлучувањето“, што би вклучувало одбивање учество на состаноците на Советот и на управните одбори, како и блокирање на гласањето за клучни одлуки.

Основа за новото натпреварување би можел да биде проектот за глобална „Лига на нации“, кој УЕФА го разви уште во 2017 година, но никогаш не го спроведе. Според информациите на „Скај УК“, натпреварувањето би имало сосема поинаков формат од класичното Светско првенство.

Континенталната „Лига на нации“ би служела како квалификациска фаза од која најуспешните репрезентации би се пласирале во завршницата. Наместо еден огромен турнир со 48 репрезентации, завршницата би била поделена на седум одделни турнири со по осум репрезентации, рангирани според силата на меѓународно ниво. Секој од тие „мини-турнири“ би се играл по нокаут-систем почнувајќи од четвртфиналето, при што во најсилната група би се собрале најдобрите светски селекции, додека другите федерации би имале можност да се борат за трофеи во поизрамнета конкуренција.

Причината за овој радикален притисок лежи во низата несогласувања со Инфантино, особено по неуспехот на проектот „FIFA Forward Enterprises“ (FFE) и обидот дел од приходите да се отворат за приватни инвеститори.

И покрај големиот притисок од европските и некои светски лидери, Инфантино веќе работи на обезбедување поддршка меѓу членките. Официјална поддршка за неговата кандидатура веќе е обезбедена од сојузи како оние на Саудиска Арабија, Катар, Мароко, ОАЕ и неколку азиски и африкански земји.

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, и неговите сојузници сега имаат задача да зададат одлучувачки удар преку најавениот бојкот и заканата за формирање паралелно натпреварување. Сепак, извори блиски до првиот човек на ФИФА посочуваат дека предавањето не е опција и оти Инфантино смета на поддршката од мнозинството сојузи по организацијата на претстојното Светско првенство во 2026 година.

Се вчитува...