Нова ера во кошарката: Винсан Коле го напушта кормилото на Франција

Кошаркарската репрезентација на Франција стигна до сребрен медал на ОИ во Париз, но „триколорите“ во наредниот период ги очекува сериозен ремонт откако селекторот Винсан Коле реши да го напушти кормилото на националниот тим.

Коле важеше за селектор со најдолг стаж во Европа ако се знае дека цели 15 годинис седеше на клупата на Франција, но според весникот „Л’Екип“ тој уште пред ОИ во Париз им соопштил на челниците на федерацијата дека не планира да ја продолжи соработката. Искусниот стручњак е подготвен да го отстапи своето место на нов стратег, а во договор со федерацијата веста се криела од кошаркарите и од јавноста за да не влијае врз фокусираноста на играчите за време на натпреварите од Олимписките Игри.

Засега не се појавува ниту едно конкретно име што би можело да го наследи Коле, предизвикот секако не е мал ако се знае дека овој стратег освои дури осум медали,од кои една златна (на Евробаскет 2013).

До измени ќе дојде и во играчкиот кадар, ако се знае дека ветераните Де Коло и Батум најавија повлекување од репрезентацијата по ОИ во Париз, а се очекува истото да го сторат и Гобер и Фурние. Лидер во годините што следат ќе биде Виктор Вембењама, но останува да се види дали центарот на Сан Антонио ќе биде редовен учесник на големите натпреварувања, ако се знае трендот на европските играчи кои често знаат да го искористат летото за целосен одмор од напорните НБА-сезони.

Се вчитува...