Нова „петарда“ на Баер Леверкузен, „децата“ на Ливерпул поразени во Белгија

Баер Леверкузен продолжи со импресивни игри во Лигата на Европа, откако „фармацевтите“ го декласираа Молде со 5-1 за со стил да ја завршат групната фаза од ова натпреварување. Чаби Алонсо одмори неколку клучни играчи како Вирц, Бонифејс, Фромпонг, Џака… но и со комбиниран состав Баер успеа да го демолира противникот. Патрик Шик ја отвори серијата голови, а до крајот меѓу стрелците се запишаа и Тапсоба, Елингсен (автогол), Хложек и Мбамба.

Ливерпул загуби со 2-1 на гостувањето во Белгија против тимот на Унион. „Црвените“ веќе го имаа осигурано првото место во групата, па Клоп можеше да експериментира со составот, настапи со огромен број младинци во тимот, а Унион го искористи тоа и стигна до победа со која белгискиот тим го освои третото место во групата.

Славија Прага славеше над Сервет со 4-0, со што чешкиот тим го освои првото место во групата пред Рома, па Славија се пласира директно во осминафиналето, додека „волчицата“ ќе мора да игра и 1/16 финале во ова европско натпреварување.

Се вчитува...