Нова страница од фудбалската историја: Бензема и официјално ја освои „Златната топка“ за најдобар фудбалер во светот!

Карим Бензема и официјално ја освои „Златната топка“ откако имаше сезона од соништата со Реал Мадрид. Францускиот напаѓач блескаше кога беше најпотребно, го одведе Реал Мадрид одново на кровот на Европа со неверојатни 15 гола во Лигата на шампионите.

Бензема беше „Х-факторот“ на Анчелоти во овој поход, на патот до веројатно најзаслужената титула. До трофејот Реал ги туркаше великаните на европскиот фудбал. Го исфрли бранителот на тронот Челси, ПСЖ, Манчестер Сити и во финалето славеше против Ливерпул. Токму Бензема беше главен играч во текот на целата сезона и до освојувањето на Примера. Во сите натпреварувања францускиот голгетер даде 44 погодоци на 46 настапи, а намести уште 15.

Главна конкуренција на Бензема му беа Роберт Левандовски, Килијан Мбапе, Мохамед Салах и Ерлинг Халанд.

Карим Бензема е неприкосновен оваа сезона и најдобар играч на светот, а вечерва во неговата родна Франција го доби признанието за големиот успех. Интересно, минатиот освојувач и човек со најмногу признанија (седум) Лионел Меси, не се најде во листата на 30 најдобри.

Инаку, вечерва во Париз светот го доби 45-от освојувач на „Златната топка“.

Се вчитува...