Нова страница од фудбалската историја: Меси по рекорден седми пат ја освои „Златната топка“!

По две години, вечерва во Париз по 65-ти пат се додели најважната индивидуална фудбалска награда – „Златна топка“, која припадна по рекрден седми пат на Лионел Меси. Минатата година изборот за престижната награда што ја доделува „Франс фудбал“ не се ни одржа поради пандемијата на коронавирусот.

Лионел Меси оваа престижна награда ја освои во конкуренција на Роберт Левандовски (33) од Баерн Минхен и Карим Бензема (33) од Реал Мадрид. Аргентинецот по оваа вечер само го зацврсти врвот на освојувачи на признанието, пред Кристијано Роналдо (36) кој останува на пет освоени „Златни топки“.

Многумина сметаат дека ова беше голема неправда кон Роберт Левандовски, кој имаше одлична индивидуална статистика и го доведе Баерн до освојување на сите најважни трофеи. „Големиот“ Полјак и годинава важеше за еден од фаворитите, но не успеа.

 

 

Како одминуваше годината, сега веќе седумкратниот освојувач на „Златната топка“, Лионел Меси практично го зазеде првото место на листата на фаворити. Аргентинецот годинава конечно го освои репрезентативниот трофеј, Копа Америка, што е прв трофеј за аргентинската репрезентација по 28 години. Лео оваа година ја одбележа и со историскиот трансфер, па по долги години одлучи да го промени клубот и дојде во Пари Сен Жермен, а во првата половина од годината повторно имаше одлични бројки со Барселона, иако Каталонците не направија ништо значајно оваа сезона.

Од останатите награди, извонредниот талент на Барселона, Педри го освои трофејот „Копа“, признание за најдобар фудбалер до 21 година. Роберт Левандовски доби мала утеха, па му беше врачена наградата за најдобар напаѓач. Џанлуиџи Донарума, играчот на ПСЖ ја освои наградата за најдпобар голман. Челси, ја доби наградата за најдобар клуб во 2021-та година.

„Франс Фудбал“ кој ја доделува најпрестижната индивидуална награда вечерва за првпат додели уште две награди – клуб на годината и напаѓач на годината. Многумина пишуваат како УЕФА го смислила ова за „мир во куќата“, бидејќи многумина веруваат дека победникот Лео Меси по седми пат незаслужено е прогласен за играч на годината, пред неверојатниот Роберт Левандовски. Полјакот беше спектакуларен, но не ја освои Лигата на шампионите како претходната година, па многумина сметаат дека заслужил некаква отштета, бидејќи во 2020 година немаше награда поради пандемијата.

Се вчитува...