Новата ера во Мото ГП ќе стартува во Тајланд

Следната сезона од шампионатот во Мото ГП, која ќе биде прва од новата ера, ќе започне со Големата награда на Тајланд.

Иако беше планирано Катар повторно да биде домаќин на првата трка, ситуацијата предизвикана од воените конфликти на Блискиот Исток доведе до тоа таа чест, трета година по ред, да и припадне на патеката „Чанг“ во Бурирам. Активностите во рамките на првиот тркачки викенд од сезоната се закажани за периодот од 5 до 7 март.

И оваа и минатата година, „Лусаил“ не можеше да биде домаќин на отворањето на сезоната поради Рамазан. Овогодишното издание на Големата награда на Катар првично беше закажано за април, но поради ситуацијата во регионот, беше преместено за ноември. Во моментов нема информации за конечниот статус на таа трка, иако Формула 1 веќе размислува за алтернатива за завршницата на сезоната, доколку не биде можно да се одржат трките во Катар и Абу Даби.

Следната сезона ќе го означи почетокот на нова ера во „кралската класа“, со оглед на тоа што прототипите ќе имаат мотори  од 850 кубици, наместо досегашните 1.000. Овие мотори првпат ќе се најдат на патеката два дена по завршувањето на овогодишниот шампионат, за време на тестирањата во Валенсија, но Големата награда на Тајланд ќе биде првата трка за овие машини.

Инаку, во последните години Бурирам стана една од најинтересните дестинации за љубителите на мотоциклизмот, што се потврдува и со трибините исполнети до последното место.

Се вчитува...