Новите вардарци ги избраа своите бројки – Горбок си ја врати 32-та, Скубе ја зеде 20-та

Три нови и едно старо-нови име дојдоа во Вардар во пресрет на новата сезона. Од четирите засилувања, Сергеј Горбок е единствен со претходно искуство во „црвено-црниот“ дрес. По две сезони поминати во унграскиот ПИК Сегеде, Горбок се врати во Вардар и повторно ќе го носи дресот со бројот 32. Интересна е приказната како Горбок го избрал токму овој број.

„Јас овој број го имавм и кога претходно играв за Вардар. Приказната е многу едноставна. Имам три деца и плус јас и жена ми, а тоа го дава бројот 32“ – објасни Горбок за официјалниот сајт на клубот.

Новиот голман на голот на Вардар, Дејан Милосављев на дресот ќе го носи бројот 96 кој е поврзан со почетокот на неговата кариера.

„Бројката што ја сакав веќе се користеше, па јас морав да изберам некоја друга. Бројот 96 е поврзан со мојот прв настап во репрезентацијата на Србија. Таму го носев тој број. Така и сега продолжувам со тој број во Вардар“ – вели Милосављев.

Рускиот десен бек, Дмитри Кисељев во Санкт Петербург го носеше дресот со број 5. Но, 5-та во Вардар ја има капитенот Стојанче Стоилов, а Кисељев одбра алтернатива со 0 и на дресот ќе ја има бројката 50.

Словенецот Стаж Скубе пак ќе го има истиот број што го носеше и во ПИК Сегед, дресот со број 20 кој до лани во Вардар го имаше Илија Абутовиќ.

Вардар минатата недела стартуваше со подготовките, а од утре „црвено-црните“ продолжуваат во Словенија, а оттаму продолжуваат на турнир во Германија. До крајот на август, вардарци во Струга ќе го одиграат Супер Купот на Македонија, а последна проверка пред стартот на новата сезона ќе им биде турнирот во Стразбур, Франција.

Се вчитува...