Ново шоу на Јокиќ, Денвер го врати и вториот „брејк“

Денвер делуваше на колена по двата домашни пораза на стартот од серијата со Минесота, но актуелните шампиони на вистински начин го возвратија ударот, славејќи на следните два дуела на теренот на противникот. Четвртата пресметка во оваа серија, втора во Минеаполис, заврши со триумф на Денвер од 107-115, за израмнување на 2-2 во пресрет на петтиот меч што ќе се игра на теренот на актуелните шампиони.

Во главна улога очекувано беше Никола Јокиќ, кој ја презеде лидерската улога и му ја донесе победата на својот тим. Србинот го заврши мечот со 35 поени, седум скока и седум асистенции, но што е уште поважно – Јокиќ блескаше во последната четвртина во која постигна 16 од вкупно 25-те поени на својата екипа. Одличен беше и Арон Гордон со 27 поени и само едно промашување од игра (11/12), додека кај Минесота најефикасен беше Ентони Едвардс со 44 поени, но и тоа беше недоволно за неговиот тим да стигне до третата победа во оваа серија.

Индијана го демолираше Њујорк со 121-89, израмнувајќи на 2-2 во оваа полуфинална серија од Источната конференција. Првата четвртина заврши со преубедливи 34-14 за домашниот тим, а победата практично беше осигурана по само 24 минути игра, откако Индијана замина на одмор со 69-41. Халибартон со 20 и Меконел со 15 поени беа најефикасни во победничкиот тим, а прв стрелец на Њујорк во овој катастрофален пораз беше Буркс со 20 поени.

Се вчитува...