Ново шоу на Митревски во ЛШ, Македонецот не дозволи славје на Загреб среде Португалија

Никола Митревски беше во главна улога и во втората победа на Порто во Лигата на Шампионите сезонава, извојувана на домашен терен над Загреб со резултат 28-26. Мечот се играше денеска поради проблемите на хрватскиот првак да допатува навреме во Португалија минатата седмица, Загреб имаше можност со победа да го осигура местото во нокаут фазата, но на патот на Дибиров и другарите им застана токму Митревски.

Дуелот беше израмнет од самиот почеток, Загреб прв се одлепи и поведе со 3-7, но Порто успеа да се врати и на одмор да замине со водство од 12-11, со три гола постигнати во финишот од првото полувреме. Порто поведе со 20-17 во вториот дел, гостите од Хрватска се вратија и израмнија на 25-25, но Митревски и согирачите беа поприсебни во самата завршница и заслужено се радуваа на победата.

Македонскиот репрезентативен голман со 13 интервенции беше меѓу најзаслужните за овој триумф, додека во нападот најефикасен кај Порто беше Валдес со шест погодоци. Тимур Дибиров постигна десет гола за Загреб во Португалија, но и тоа беше недоволно за хрватскиот првак да стиген до посакуваната победа.

Се вчитува...