Македонија е на работ на пласман на уште едно ракометно светско првенство откако нашата национална селекција вечерва славеше на гостувањето против Словачка со резултат 24-31. Избраниците на Лазаров одиграа квалитетни 60 минути во кои покажаа карактер, не го потценија противникот и со прикажаната игра апсолутно ја заслужија оваа убедлива победа пред неделниот реванш во Скопје.
Лазаров се реши да стартува со Томовски на голот, Петар Атанасијевиќ и Костески како крила, Лазаревски како стартен пивот и бековско трио составено од Митев, Кузмановски и од Велковски. Дуелот го отворивме со водство од 0-2 (Кузмановски од пенал и Атанасијевиќ) и една одлична интервенција на Томовски. Наместо да продолжиме, влеговме во серија промашени зицери што домашниот состав ги казни, влегувајќи во ритам и во неколку наврати водејќи со по еден гол.
Разликата во квалитет сепак беше очигледна, капитенот Кузмановски одигра маестрално полнејќи ја мрежата на Словаците, одличен беше и Лазаревски на линијата (пет од пет во првото полувреме), а во вистински момент два гола во низа даде Ненад Костески, помагајќи да се одлепиме на 13-17. Словачкиот селектор побара тајмаут во последната минута од полувремето, но Томовски имаше маестрална одбрана, наградена на спротивната страна со проектил на Филип Кузмановски, седми гол на капитенот во полувремето за заминување на одмор со убедливи 13-18 за Македонија.
Марко Митев го отвори второто полувреме со три гола, по што следеше нов гол на Лазаревски, на нова асистенција на Кузмановски, и наше прво водство од шест гола (16-22). Продолживме со добра игра, Томовски одбрани пенал, а при 17-24 Лазаров побара тајмаут, да се погрижи да не дојде до опуштање. Следеше период на послаба игра во нападот, но затоа на голот го имавме одличниот Томовски, кој со одлични интервенции ја одржуваше убедливата предност (19-26, 49. минута). Рецептот за успех остана до самиот крај, Македонија го исконтролира резултатот и заслужено славеше со убедливи 24-31, трасирајќи си го патот до нов ракометен мундијал.
Реваншот в недела во СЦ „Борис Трајковски“ би требало да биде само рутина, но ракометарите заслужуваат полна сала и поддршка за сето она што со години го покажуваат носејќи го националниот дрес.
Филип Кузмановски беше најефикасен на денешниот натпревар со десет погодоци, седум гола од седум обиди постигна Лазаревски, а по три пати прецизни беа Костески и Митев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
