Њу Орлеанс и преполовен го најде лекот за Хјустон

Кошаркарите на Њу Орлеанс приредија големо изненадување откако славеа на гости против Хјустон рокетс со 116-121. Гостите настапија без неколку клучни кошаркари, олстар ѕвездата Ентони Дејвис, како и без Миротиќ, Рендолф и Пејтон, но и со преполовен тим успеаја да го најдат лекот за приземјување на „ракетите“.

Хјустон имаше водство од 66-59 по првото полувреме, но предводени од Џахил Окафор гостите направија целосен пресврт и стигнаа до победата. Окафор го заврши мечот со 27 поени и 12 скокови, рекордни за него оваа сезона, додека Харден вообичаено беше во главна улога во таборот на Хјустон, реализирајќи 37 поени, 11 скокови и шест асистенции.

Леброн Џејмс не настапи за ЛА лејкерс на дуелот со Филаделфија, на кој „езерџиите“ повторно одиграа разочарувачки пред своите гледачи, губејќи со 105-121. Џоел Ембид беше во главна улога кај победничкиот тим со 28 поени и 11 скокови.

Оклахома сити триумфираше на гостувањето во Орландо со 117-126. Пол Џорџ беше прв стрелец со 37 поени, Вестбрук стигна до трипл-дабл од 23 поени, 14 скокови и 14 асистенции, но најзаслужен за победата беше Шредер, кој дури 18 од своите 21 поен ги постигна во последната четвртина.

Резултати НБА:

Кливленд – Вашингтон 116-113, Детроит – Милвоки 105-115, Орландо – Оклахома сити 117-126, Бруклин – Чикаго 122-117, Хјустон – Њу Орлеанс 116-121, Сан Антонио – Феникс 126-124, ЛА лејкерс – Филаделфија 105-121.

Се вчитува...