Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, наводно размислува за продажба на акции од Светското првенство на приватни инвеститори, објавува „Фајненшл тајмс“.
Оваа идеја и нејзината потенцијална имплементација веќе се опишани од спортските инсајдери како вистински „нуклеарен удар“ врз фудбалскиот свет. Според истиот извор, ФИФА планира да основа нова компанија која би ја презела контролата врз организацијата и комерцијалните права на Светското првенство.
Се вели и дека прелиминарните договори за условите веќе се потпишани, а се проценува дека целиот договор би вредел околу 15 милијарди фунти (или близу 20 милијарди долари). Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп наводно била вклучена во тајните планови, додека финансиската структура и управувањето со целиот процес го води банкарскиот гигант Џеј Пи Морган.
Според предложениот модел, по истекот на неговиот сегашен мандат на чело на ФИФА во 2031 година, Инфантино би ја презел позицијата комесар на тој нов комерцијален субјект. На таа улога, според изворот, тој би заработил повеќемилионски суми.
Во рамките на ФИФА веќе се воделе дискусии за распределбата на сопственоста.
Идејата е 211-те асоцијации-членки да добијат одредени удели, ФИФА да задржи мнозински удел, додека на приватните инвеститори ќе им се даде можност да купат малцински удели во вредност од милијарди фунти.
🚨 Gianni Infantino, the president of Fifa, is reportedly considering selling stakes in the World Cup to private investors in what has been labelled by insiders as a “nuclear bomb” for football@Tom_Morgs has the details ⤵️https://t.co/DHh9Z5KRpM pic.twitter.com/cGktgs7iJV
— Telegraph Football (@TeleFootball) July 28, 2026
Жесток отпор кон планот на Инфантино
Овие планови наидоа на жесток отпор од светските фудбалски лидери, кои се плашат од трајно нарушување на календарот на натпреварите.
Иако сè уште не е потпишан обврзувачки договор, се стравува дека приватниот капитал ќе бара понатамошно проширување на форматот или дури и одржување на Светското првенство почесто од секои четири години. Еден од неименуваните функционери на ФИФА изјави за „Тајмс“ дека ова би била „нуклеарна бомба“ за фудбалот.
Веста за продажбата на уделот доаѓа во услови на зголемен притисок врз Инфантино, кој неодамна објави долга порака од 15 страници на Инстаграм за да се одбрани од критиките. Во неа, меѓу другото, тој ги обвини своите противници за „ширење омраза и лажни гласини“ и дека „ја пропуштиле целата радост и заедништво“ од натпреварувањето.
Првиот човек на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас, инаку еден од најголемите критичари на Инфантино, остро реагираше на долгата порака на првиот човек на светскиот фудбал.
„Инфантино објави патетична порака на својот Инстаграм профил. Никој не оспорува дека фудбалот е емоција и заедница. Но, транспарентноста, доброто управување и одговорноста не се омраза – тие се обврска. Силните институции не ги дискредитираат оние што поставуваат прашања, туку одговараат на нив.“
Тебас отворено се сомневаше во вистинските мотиви на претседателот на ФИФА:
„Размисли, Џани: кога еден лидер посветува цела порака на дисквалификација на оние што вршат легитимен надзор, неизбежно е да се постави прашањето – зошто сега? Дали има нешто што објаснува таков дефанзивен тон? Дали се случува нешто за кое не знаеме ништо?“
Досега, ФИФА официјално не ги коментираше наводите на „Фајненшл Тајмс“ околу скандалозната можност за продавање на светските првенства на приватна компанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
