„Обновената“ Македонија на „контрола“ со БиХ пред Лигата на Нации

ЕКИПА во Сараево
Горан Бошев

Почнуваат да се местат „коцките“ за настапот во Лигата на Нации за Македонија. Натпреварување во кое репрезентацијата ќе има тешки противници, со оглед дека со одлични резултати се избори за пласман во Б дивизијата. Шкотска, Швајцарија и Словенија се противниците на „жолто-црвените“ во дуелите кои ќе се играат во септември, октомври и во ноември.

Креирањето на тимот за тоа натпреварување почнува денеска од натпреварот против Босна и Херцеговина. Селекцијата која обезбеди настап на Мундијалот во САД, Мексико и Канада ќе биде првиот сериозен „тест“ за избраниците на Гоце Седлоски, кој се реши да ја обновува репрезентацијата повикувајќи пет дебитанти.

Сите ќе ја добијат шансата, на нив е да докажат дека заслужено се во репрезентацијата, ќе рече селекторот Гоце Седлоски пред почетокот на овој натпревар. Ќе се проверуваат нови варијанти, тактики, нови играчи, со цел Македонија подготвена да ги дочека мечевите во Лигата на Нации.

„Играме со квалитетна репрезентација. Секако ќе ни биде важен и резултатот, но и играта. Нека уживаат и двете екипи, и се надевам дека ќе претставиме во добро издание, па кој е подобар нека победи. Сите што ме познаваат знат дека не сакам да губам. Дојдовме тука да се преставиме во добро издание и да извлечеме добар резултат. Имаме многу нови играчи, сакам да ги видам, и се надевам дека и тие и сите останати ќе одиграат добар натпревар“, вели Седлоски.

Со свои позитивни очекувања е и голманот Столе Димитриевски, кој утре ќе ја носи капитенската лента на екипата.

„Заедно со играчите посакувам да ја сочувам мрежата, и да извлечеме добар резултат. Подготвени сме. Направивме добра анализа и сметам дека можеме да одиграме добар натпревар. Ние се подготвуваме за Лигата на Нации, и Босна е одличен противник за нас, и сличен со тие селекции против кои ќе играме за неколку месеци“, изјави Димитриевски.

Мечот БиХ – Македонија се игра на Олимпискиот стадион Асим Ферхатовиќ – Хасе во Сараево со почеток во 20:30 часот.

Се вчитува...