ОЧАЈНО ПРВО ПОЛУВРЕМЕ – Македонија без шут кон противничкиот гол, Украина води со 2-0 (ФОТО)

ЕКИПА во Букурешт,

Владимир Булатовиќ, Никола Станикевски, Роберт Спасовски (ФОТО)

Македонската репрезентација игра очајно прво полувреме против Украина во 2. коло од Групата Ц на Европското првенство 2020. Македонија првите 45 минути ги одигра во тотална дефанзива, без ниту еден упатен шут во рамките на противничкиот гол, Украинците водат со 2-0 а можеа да завршат со уште некој погодок во нашата мрежа.

Украинците од самиот почеток на мечот почнаа со жесток притисок. По неколкуте убави акции, веќе во 8. минута Малиновски одлично шутираше од 18 метри, но Димитриевски со крајни напори брани исфрлајќи во корнерот. По корнерот нова шанса за Украинците, но за малку покрај македонскиот гол.

Веќе во 11. минута, 100% шанса за Јаремчук кој избива сам пред голот на Димитриевски, но Стефан Ристовски во последен момент спречува сигурен погодок.

Во 16. минута првата можност и за Македонија. Ристовски нафрли од десната страна, а Елмас во обид од неколку метри, но покрај голот на Украинците.

Во 23. минута повторно напад на украинскиот тим преку Јармоленко по левата страна, но Димитриевски ја одбива топката во поле. Во 28. минута во убава шанса повторно Јармоленко, но и овој пат македонската одбрана поуспешна. И веќе во 29. минута, кога веќе голот висеше во воздух, по корнерот од левата страна, топката се прошета покрај гол-линијата и на вториот дирек Андреј Јармоленко ја смести во мрежата на Димитриевски.

Во 34. минута веќе 2-0 за Украина. Нова извонредна акција, во празно проигран РОман Јаремчук кој ниско по земја шутира за дуплирана предност на жолтите.

Во 38. минута Пандев стрела во мрежата на противникот, но оправдано поништен гол поради офсајд-позиција. Веќе во 40. минута нова шанса за Украина, но Димитриевски брани.

 

ЕВРО 2020 – ГРУПА Ц (2. коло)
УКРАИНА – МАКЕДОНИЈА (2-0)
Национална арена во Букурешт. Гледачи: 15.000. Главен судија: Фернандо Рапалини (Аргентина). Стрелци: Јармоленко 29′, Јаремчук 34′ (У).
УКРАИНА: Бушчан, Караваев, Забарнил, Матвиенко, Миколенко, Степаненко, Шапаренко, Зинченко, Јармоленко, Малиновски, Јаремчук
Селектор: Андреј Шевченко
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Велковски, Муслиу, Николов, Спировски, Адеми, Барди, Алиоски, Елмас, Пандев
Селектор: Игор Ангеловски

Се вчитува...