Од утре продажба на билетите за мечот со Словенија: За Југ – 300 денари, за Исток – 200 денари

Фудбалската федерација на Македонија преку Mk Tickets, официјалниот партнер за продажба на билети, од сабота, 29. мај започнува со продажба на билети за пријателскиот натпревар на македонската репрезентација против Словенија кој ќе се одигра на 1. јуни на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Влезниците чинат 300 денари за Јужната трибина и 200 денари за Источната трибина од Националната арена „Тодор Проески“. Капацитетот на Националаната арена е ограничен на 30 %.

Строгите здравствени ограничувања и протоколите на УЕФА за заштита од Ковид-19 се причините поради кои на Северната трибина ќе биде дозволено присуство само на лица од двете репрезентации, лица од ВИП секторот и службата за организација на натпреварот. Поради тоа и преку МК-тикетс системот ќе биде дозволена продажба на максимум четири билети по лице.

Фудбалската федерација на Македонија билетите од Западната трибина ќе ги распредели за верните навивачи на Македонија од навивачките групи кои покажаа интерес за присуство на натпреварот.

„Ги повикуваме сите љубители на фудбалот и поддржувачи на македонската репрезентација да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 и да им бидат поддршка на „Рисовите“ за натпреварите од ЕУРО 2020“ – порачуваат од ФФМ.

Се вчитува...