Одбојкарите во полн состав ја заокружуваат мавровската етапа

Македонската одбојкарска репрезентација влезе во последната седмица  од подготвителниот период во Маврово. Пред крајот е фазата во која националниот тим работеше на физичката подготвеност, индивидуалните подобрувања како и на влегувањето во вистински одбојкарски ритам. Комплетирањето на овој сегмент е на 15 август. Потоа ќе следува речиси еден месец за контролни натпревари кои ќе бидат можност за проверка и за воигрување пред стартот на Европското првенство. Националниот тим е во комплетен состав, на тренинзите се и Милков кој се приклучи подоцна како и Ѓоргиев и Маџунков кои санираа повреди.

„Физичката подготвеност ни е најважна со оглед на тоа дека во Словенија ќе имаме пет натпревари во шест дена, сите напревари ќе бидат баш тешки. Мислам дека во оваа фаза се подготвуваме онака како што треба. Во глобала, во континуитет одиме нагоре“ – вели Дарко Ангеловски.

По враќањето од Маврово, одбојкарската репрезентација ќе оди за Романија од каде што ќе го почне циклусот пријателски натпревари. По средбата со Романците во Крајова, одбојкарите во Скопје ќе ја пречекаат Шведска, потоа ќе се сретнат со Белгија, Бугарија и со Украина на турнирот „Чајка“ и на крај имаат гостување кај Австрија.

„Пријателските натпревари ќе бидат за подготвување на тактиката бидејќи неколкумина сме нови што се приклучуваме на тимот. Доколку немаме повреди, доколку сите сме здрави, ако ја постигнеме посакуваната форма мислам дека без проблем ќе стигнеме до втората фаза“ – вели за ЕКИПА, повратникот Ристо Николов.

Македонската одбојкарска репрезентација првиот натпревар на Европското првенство ќе го одира на 12. септември против Финска, а потоа ќе се соочи со Турција, Русија, Белорусија и со домаќинот Словенија.

 

Се вчитува...