Одбојкарите на смеч против Австрија, за враќање на победничка траекторија

Македонската одбојкарска репрезентација вечерва против Австрија (20.30 часот) во салата „Кале“ ќе се обиде да се врати на победничка траекторија во натпреварите од групната фаза во Сребрената Европска лига. Нашите најдобри одбојкари, со половичен биланс, по две одиграни средби влегуваат во третиот вкупно, а прв домашен натпревар од групниот сегмент. И Австрија како и нашиот состав има победа над Косово.

За овој дуел, во македонскиот  тим би требало да се врати и Ѓорги Ѓоргиев кој поради повреда на коленото ги пропушти трите воведни средби.

„Уште не сме во оптимум форма, радува враќањето на Љафтов, мислам дека против Австрија ќе биде 70-80% подготвен. Ѓорги Ѓоргиев ќе биде во составот и мислам дека ќе биде и во игра. Сметам дека ќе биде голема борба, но и дека ќе успееме да славиме во нашето Кале“- изјави во пресрет на мечот капитенот на националниот одбојкарски состав, Никола Ѓоргиев.

Во групата на македонската репрезентација, селекцијата на Летонија го потврдува фаворитскиот стаус за освојување на првото место. Летонците вчера забележаа триумф од 3-0 во сетови над Косово и со максимален биланс се сигурни лидери на табелата. Со победа, македонската репрезентација ќе се издвои на второто место во поредокот пред Австрија со која сега имаме по 3 бода.

Се вчитува...