Одбојкарите поразени од Украина во полуфиналето на турнирот „Чајка“

Одбојкарската репрезентација на Македонија загуби од Украина со 1-3 по сетови (21-25, 20-25 , 25-22 и 20-25) во полуфиналето на пријателскиот турнир „Чајка 2019“.

Првите два сета беа како пресликани. Нашите одбојкари се држеа во „егал“ со Украинците се до финишот кога правеа почетнички грешки кои на крајот носеа водство за гостите.

Во третиот сет заигравме подобро и со одлична игра успеавме да го добиеме сетот со 25-22 и да намалиме на 1-2. Сепак тоа беше се од нашите одбојкари бидејќи Украинците се консолидираа во четвртиот сет кој го добија со 20-25 за конечна победа од 1-3.

Во нашиот табор најдобар беше капитенот Никола Ѓоргиев кој освои 18 поени. Македонија утре во дуелот за третото место ќе се сретне со поразениот од мечот меѓу силните репрезентации на Белгија и Бугарија кои на минатото Европско првенство беа меѓу најдобрите шест селекции.

По „Чајка“ избраниците на Матијашевиќ ги очекуваат два контролни натпревари со Австрија нагости, пред заминувањето за Словенија каде на 12. септември почнува континенталниот шампионат. Македонија на Еврошампионатот се наоѓа во групата Ц заедно со селекциите на Русија, Словенија, Турција, Финска и Белорусија.

Се вчитува...