Одбојкaрите посакуваат победа над Летонија

Македонската одбојкарска репрезентација има негативен биланс по четири одиграни натпревари во грпната фаза од Сребената Европска лига. Тоа што имаат една победа, против Косово и два порази од Австрија и еден од Летонија во пресрет на двете последни средби од прелиминарниот сегмент, од нашиот табор велат не е загрижувачки фактор.

Ваквиот став се должи на се подобрите изданија што ги прикажува нашиот тим од натпревар во натпревар.

„Нашиот план беше во групната фаза од натпревар во натпревар да ја креваме формата, мислиме дека засега успеваме тоа да го направиме. Не очекува Летонија која што е силен противник и тоа го покажа со гостинската победа над Австрија. Без оглед што се уште ние се фокусираме само на нашата игра, в недела во Скопје сакаме да победиме“ – вели селекторот, Љубомир Травица во пресрет на домашната пресметка против најдобрата селекција во групата, Летонија.

Нашиот тим не брка пласман преку групата на завршниот турнир на најдобрите четири екипи затоа што Скопје ќе биде домаќин на Ф4 на 15 и 16 јуни. Поради ова, македонската селекција е фокусирана само на кревање на формата за најважните натпревари и остварување на целта, триумф на Ф4-турнирот.

„Откако Љафтов и Ѓоргиев се вратија во првиот тим, играта ни е многу подобра, иако резултатите немаат влијание на конечната цел, јас лично не би сакал да завршиме со биланс 2-4 во групата. В недела играме во Скопје пред наша публика  и затоа посакуваме да победиме и за да продолжи добрата атмосфера во репрезентацијата и за да останеме ментално стабилни во пресрет на најважните натпревари“ – смета капитенот на националниот тим, Никола Ѓоргиев.

Македонската репрезентација в недела се соочува со Летонија, а на последниот дуел, на 6 јуни, групниот сегмент ќе го заврши со натпревар против Косово, исто така во „Кале“.

Македонија е третопласирана во групата, со три освоени бода. Летонија е прва со 12, а Австрија има 9 на вторто место. Косово и натаму е без бодови.

Се вчитува...