Одбојкарите против Летонија ќе играат за бронза, Белорусија и Хрватска во битка за трофејот на Ф4

Македонската одбојкарска репрезентација ќе се бори за утешната бронза на завршниот турнир на четирите најдобри селекции во Сребрената Европска лига кој се одржува во скопската сала „Кале“.

Против Летонија (16 часот), која двапати беше подобра од нашиот национален тим во групниот сегмент, составот што го предводи Никола Ѓоргиев ќе треба да се бори за бронзен медал откако соништата за злато ни ги урна Хрватска со драматичниот полуфинален пресврт. Македонската репрезентација испушти предност од два сета во полуфиналето и дозволи Хрватите да слават со 3-2. За нашата селекција ова е првпат во четири сезони во Европската лига без место во финалето.

„Да се прибереме, да одиграме најдобро и да освоиме бронза, нема што друго да се каже“ – вели пред дуелот со Летонците, помладиот од браќата Ѓоргиеви, Ѓорги.

Летонците беа доминанти во двете средби што ги одигравме во групниот сегмент. Забележаа две максимални победи од 3-0. За нив поразот од Белорусија во полуфиналето беше првиот неуспех во Сребрената Европска лига сезонава.

„Против Летонија, мораме да одиграме најдобро што знаеме. Но, борбата ќе се одвива во главите на одбојкарите“ – порача по полуфиналниот пораз од Хрватска, селекторот, Љубомир Травица.

Македонската репрезентација и да ја освои бронзата, ќе го има најслабиот пласман на Ф4 турнирите во ова натпреварување. Во претходните три сезони, нашиот тим секогаш беше поразениот финалист и завршуваше со среброто.

Битката за трофејот меѓу селекциите на Белорусија и на Хрватска е закажана за 19 часот.

Се вчитува...