Одбојкарите против Унгарија ги почнуваат квалификациите за ЕП

Македонската одбојкарска репрезентација денеска со гостувањето против Унгарија од 17:45 часот го стартува квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство 2019 кое следната година во септември ќе се одржи во Франција, Холандија, Белгија и Словенија.

Македонија е пред историска шанса за остварување на сонот – пласман на ЕП на кое за првпат следната година ќе учествуваат 24 европски селекции. Одбојкарите се квалификациската група Ф со Унгарија, Украина и Швајцарија. Од утре па до 25. август ќе се одиграат првите четири квалификациски кола, а последните два натпревари се закажани за јануари следната година.

„Не сакаме да си создаваме некој посебен притисок, но на дуелот против Унгарија одиме да се надигруваме и да го покажеме нашиот квалитет. Ќе повторам, дека не сакаме да навлегуваме во некакви математики но да играме од натпревар на натпревар во овие квалификации“ – вели капитенот Никола Ѓорѓиев пред мечот со Унгарците.

На ЕП ќе се пласираат првопласираните осум селекции од секоја квалификациска група, како и петте најдобри второпласирани.

По денешното гостување во Унгарија, Македонија потоа на 18. август игра дома со Украина, па на 22. август ја пречекува Швајцарија. Последниот натпревар од августовскиот циклус е против Швајцарија на гостински терен на 25. август. Последните два натпревари од квалификациите ги играме против Украина на гости на 5. јануари 2019 и завршуваме дома против Унгарија на 9. јануари следната година.

Се вчитува...