Одбојкарите супериорно до триумф над Косово

Одбојкарската репрезентација на Македонија стигна до третиот триумф во овогодишното издание на Европската лига откако нашата национална селекција ја оправда фаворитската улога против Косово, славејќи со максимални 0-3 во сетови.

Домашниот терен беше адут на косовските одбојкари, но македонските репрезентативци одиграа квалитетен меч во кој јасно покажаа дека противникот е недораснат за да им парира.

Особено импресивно делуваше првиот сет во кој на домаќините им дозволивме да освојат само 12 поени, вториот заврши 19-25 за Македонија, додека во третиот  се водеше најизрамнета битка, за Македонија на крајот да слави со 25-27.

Никола Ѓоргиев со 15 поени беше најефикасен во нашиот состав, Стојан Илиев реализираше 11 поени, а Савовски го заврши мечот со осум освоени поени.

Македонија утре во истиот термин и на истиот терен ќе го одигра и последниот меч за оваа сезона во Европската лига против селекцијата на Израел.

Се вчитува...