Одбојкарите загубија здив, па претрпеа пораз од Украина

Одбојкарската репрезентација на Македонија во второто коло го претрпе и својот прв пораз во квалификациите за ЕП, и тоа на домашен терен од Украина со 2-3. „Спартанците“ имаат за што да жалат бидејќи како и на премиерниот дуел во Унгарија повторно имаа предност од 2-0, но загубија здив кога требаше да го финишираат мечот. И доколку со Унгарците се собраа сили за триумф во тајбрејк, овојпат се случи спротивното, па беше претрпен пораз што сигурно многу ќе влијае врз нашите шанси за пласман на претстојниот европски шампионат.

Гостите подобро го стартуваа мечот, го контролираа резултатот до половината од стартниот сет, но потоа Македонија влезе во посакуваниот ритам. Направивме пресврт, Украина возврати и поведе со 17-19, но по тајмаутот на нашиот селектор македонските одбојкари заиграа беспрекорно. По голема битка сетот го добивме со 27-25, по извонредниот лоб преку троен блок на Љафтов.

Сличен беше текот и на вториот сет, во кој двете селекции се менуваа во водство. И повторно Украинците имаа „плус два“ пред крајот, македонските „спартанци“ направија пресврт, не искористија две сет-топки при 24-22, но на крајот сепак славеа со 26-24.

Во третиот сет Македонија имаше водство од 16-15, пред гостите да освојат три поени во низа и да го свртат резултатот во своја полза. Нивната мини-серија ја прекина Милев, потоа од 17-21 стигнавме до 20-21, но гостите ги освоија наредните четири поени и намалија на 2-1 во сетови.

„Црвено-жолтите“ тргнаа моќно во четвртиот сет, контролирајќи го резултатот. По водството од 11-7 нашите одбојкари водеа меѓу два и четири поени до 18-15, кога Украинците со три поени во низа експресно се вратија. Самодовербата кај македонските одбојкари како да исчезна во миг, па гостинскиот состав ја продолжи сеијата, поведе со 19-23 и на крајот го доби сетот со 20-25 и се избори за тај-брејк.

„Спартанците“ фуриозно го почнаа клучниот сет и поведоа со 6-2, но повторно следеше пад и израмнување на 8-8. Приемот на сервисот беше се поголем проблем, па Украина набрзина поведе и со 8-10. Ритамот во нападот дефинитивно беше загубен, а Украинците знаеја како да го искористат тоа, да го комплетираат пресвртот и да слават со 12-15.

Се вчитува...