Македонија обезбеди пласман на уште еден ракометен мундијал, што во јануари 2027 година ќе се одржи во Германија. Нашите најдобри ракометари ќе бидат дел од светскиот крем во овој спорт, а веќе се познати 30 од вкупно 32-те селекции што ќе бидат дел од светскиот шампионат.
Германија како домаќин и Данска како актуелен шампион имаа автоматски пласман на овој шампионат, додека Хрватска, Исланд, Шведска и Португалија обезбедија автоматски мундијалски визи благодарение на својот пласман на ЕП 2026.
Од Јужна Америка претставници следниот јануари во Германија ќе бидат селекциите на Бразил, Аргентина, Чиле и Уругвај, Азија ќе биде претставена од Јапонија, Катар, Бахреин и Кувајт, додека Топ 5 африканските селекции одат на СП: Египет, Капе Верде, Алжир, Тунис и Ангола.
САД е претставник на Северна Америка, додека преку европскиот бараж покрај Македонија мундијалски билети обезбедија уште и Норвешка, Фарските острови, Шпанија, Франција, Грција, Полска, Словенија, Србија и Италија.
Преостанатите две места ќе бидат доделени со вајлд-карта од страна на ИХФ, големи се шансите една од нив да припадне на Унгарија, а за втората ќе се борат Швајцарија, Холандија, Црна Гора, Јужна Кореја…
Ждрепката за групите од СП 2027 ќе се одржи на 10 јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
