Реакцијата на битолскиот клуб Самурај предизвика бурна реакција во македонскиот кик-бокс, откако беа изнесени сериозни обвинувања за дискриминација при изборот на патници за претстојниот светски шампионат.
Долгогодишната репрезентативка Викторија Варадинова преку соопштение цврсто застана зад селекторот Митровски, порачувајќи им наместо да пишуваат соопштенија да работат напорно, наместо со интриги да бараат да стигнат до место во националниот тим.
Соопштението на репрезентативката Варадинова го пренесуваме во целост:
„Јас Викторија Варадинова како долгогодишен член на оваа репрезентација, чувствувам обврска јавно да кажам дека целосно ги поддржувам одлуките на Кик Бокс Маитаи Федерацијата на Македонија. Премногу лесно во последно време се лепат зборови како „дискриминација“, а притоа се игнорираат фактите, критериумите и долгогодишната работа што стои зад секоја селекција.
Федерацијата отсекогаш функционирала по јасни правила, резултати и професионални стандарди – правила кои важат за сите, без разлика на пол, клуб или име. Не може секоја одлука што некому не му одговара веднаш да се претвора во медиумски напад или во обид да се создаде слика дека некој е оштетен.
Јас лично сум сведок на тоа колку труд, време и енергија се вложуваат за спортот да оди напред, за натпреварувачите да имаат услови, и за Македонија да биде претставена најдобро можно. Ако некој сака да биде на големи натпреварувања, тогаш патот е преку резултати, дисциплина и исполнување на критериумите – не преку притисоци и обвинувања без основа.
Стојам зад федерацијата затоа што знам како работи – професионално, чесно и во интерес на спортот, а не во интерес на поединци. Наместо да се создаваат конфликти, мислам дека време е сите добронамерни луѓе во кикбоксот да застанат зад институцијата што реално го движи спортот напред и да дадеме поддршка и продолжиме да градиме силен и успешен македонски кикбокс.
Впрочем, сите учесници на Светското првенство се пред сè ДРЖАВНИ ПРВАЦИ и имаат постигнато конкретен резултат на државно ниво, што е директен и заслужен фактор во нивната селекција. Тоа се факти кои не може да се заобиколат и мора да се почитуваат.
Исто така, сакам да нагласам дека не е фер години работа, труд и успеси на федерацијата да се потценуваат со брзи обвиненија кои немаат врска со реалноста. Кој навистина бил дел од процесите знае дека зад секоја одлука стојат тренери, комисии и документирани критериуми, а не ничија лична волја. Наместо да се создава негативна атмосфера, многу е поважно сите тренери и натпреварувачи да покажат малку повеќе одговорност и почит кон институцијата која им дава можност да напредуваат.
Стојам зад федерацијата – професионално, чесно и убедено.
Тренер Urko Dejan Mitrovski, среќно на сите учесници од нашата држава и покажете кои сме и што сме! 🩵
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА


