Одржани две ТСД авто-слалом натпреварувања во Кичево (ФОТО)

Во одлична организација на клубот Класика Прилеп, пред многубројна публика изминатиот викенд на воениот полигон во Кичево се одржаа вториот и третиот TSD Авто слалом натпревар со историски возила, како дел од предвидените натпревари од годинешниот календар на Националната федерација на историски возила.

На натпреварот, со своите олдтајмери беа пријавени и учествуваа околу 40-тина возачи кои настапуваа преку различни клубови од повеќе градови од Македонија.

На свеченото отворање присуствуваа градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски и пратеникот Ѓорѓија Сајковски, кои со пригодни говори се обратија пред натпреварувачите и присутната публика, при тоа истакнувајќи дека патеката на воениот полигон треба да прерасне во модерен автодром каде ќе се негува автомобилизмот и патека на која сите македонски автомобилисти ќе имаат можност да тренираат и да се натпреваруваат.

Од нивна страна беше потврдена желбата и заложбата на Владата и Министерство за спорт за решавање на долгогодишниот проблем со другата Автомобилистичка федерација, каде што на македонските возачи и клубови им се оневозможува да настапуваат со македонски лиценци, како и проблемот кој значи долги години немање и неодржување на натпревари и национален шампионат во автомобилизам, се со цел враќање на автомобилите на спортските патеки и враќање на македонските натпреварувачи кои возат со странски лиценци, во матичните, домашни, македонски автомобилички клубови.

 

Се вчитува...