Тренерот на Барселона, Ханси Флик, го продолжи договорот, па ќе остане во Каталонија најмалку до 2028 година.
Шпанскиот шампион објави дека 61-годишниот германски тренер, опишан како „архитект на победничката Барса“, потпишал договор до 2028 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
„За само две сезони во Барселона, Флик веќе се запиша во историјата на клубот со трофеи, рекорди и визија за иднината. Германскиот стручњак сака да продолжи и да донесе повеќе успеси работејќи како тренер“, се вели во соопштението.
Минатата недела, откако тимот ја освои втората последователна титула, Флик рече дека челниците на клубот му веруваат нему и на тренерскиот персонал да продолжат да работат.
„За мене е задоволство да го продолжам ова патување. Секој ден ја чувствувам страста на клубот, вработените, играчите и навивачите. И тоа е неверојатно. Сакам да освојам повеќе титули. Тоа е нашата цел, да освоиме повеќе титули, можеби Лигата на шампионите, работиме на тоа“, рече Флик.
Флик ја презеде Барселона во мај 2024 година кога го замени Чави Хернандез на клупата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
