Ракометните федерации на Србија, Македонија и Словенија официјално поднесоа заедничка кандидатура за организација на машкото EHF EURO 2034.
Трите земји со богата ракометна традиција ги здружија силите со јасна амбиција заеднички да бидат домаќини на еден од најголемите настани во европскиот ракомет.
Сите три федерации ја истакнуваат својата целосна подготвеност во процесот на кандидатурата и евентуалната организација на првенството во целост да ги почитуваат правилата и насоките на Европската ракометна федерација (EHF), како и да ги исполнат сите неопходни организациски, инфраструктурни и други услови за одржување на натпреварувањето на највисоко ниво.
„По низата состаноци и договори што ги постигнавме, дојде моментот сите три федерации официјално да поднесат заедничка кандидатура за организација на EHF EURO 2034. Верувам дека сите три федерации имаат организациски капацитети, искуство и човечки ресурси едно вакво големо натпреварување да го организираат на највисоко ниво. Нашата кандидатура ја опфаќа целокупната инфраструктура потребна за организација на првенството, од спортски сали, хотели и сите останати сегменти неопходни за одржување на едно големо меѓународно натпреварување. Верувам дека нашата заедничка кандидатура ќе биде најсериозна. Во овој момент е тешко да се зборува за тоа дали ќе има и други кандидатури и каква ќе биде конечната одлука на EHF, но она што можам да го кажам е дека со заеднички сили ќе направиме сè за нашата кандидатура да ја претставиме на најдобар можен начин и да му покажеме на EHF дека сме најдоброто решение за организација на еден толку голем настан“ – вели претседателот на Ракометниот сојуз на Србија, Божидар Ѓурковиќ.
На него се дополнува и првиот човек на словенечкиот ракомет…
„Желбата на ракометните федерации на Словенија, Србија и Македонија е со заеднички сили да го организираме машкото Европско првенство EHF EURO 2034, бидејќи веруваме дека за еден таков проект имаме многу знаење, искуство, квалитетна инфраструктура и, пред сè, силна ракометна традиција. Пред Европската ракометна федерација ја изразивме нашата заедничка намера, а пред нас е период во кој сите три федерации тесно ќе соработуваат и заеднички ќе ги вложат сите неопходни напори за да подготвиме квалитетна и конкурентна кандидатура. Нашата цел е пред EHF да претставиме проект кој ќе покаже дека можеме да организираме Европско првенство на највисоко ниво и на репрезентациите и навивачите да им понудиме одлични услови.Сите три федерации се подготвени да соработуваат како меѓусебно, така и со сите надлежни институции и градови кои ќе бидат вклучени во проектот, бидејќи тој далеку ги надминува рамките на спортот и на земјите домаќини и градовите им носи бројни позитивни ефекти, за кои верувам дека сите заедно ќе ги искористиме на најдобар можен начин. Секако, имаме и високи натпреварувачки цели, за што имаме основа во актуелните резултати на сениорската репрезентација, како и на младинските и кадетските селекции ова лето. За многу нивни членови, за осум години ќе биде вистинското време да блеснат и на сениорската сцена“ – вели претседателот на Ракометниот сојуз на Словенија, Бор Розман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
