Официјално: Одбраната на Јувентус посилна за Лукуми

Јувентус официјално го потврди трансферот на колумбискиот репрезентативец Џон Лукуми, кој потпиша четиригодишен договор со торинскиот гигант.

Дваесет и осумгодишниот дефанзивец во Јувентус пристигнува за 18 милиони евра, а сумата може да достигне 20 милиони евра со вклучените бонуси. Лукуми ќе заработува три милиони евра нето по сезона.

Колумбиецот во текот на летниот преоден рок имаше понуди од неколку клубови, меѓу кои Нотингем Форест, Сандерленд, Њукасл и Комо. Сепак, и покрај финансиски поповолните услови кои ги нудеа некои од нив, Лукуми ја избра понудата на Јувентус.

Неговото доаѓање се вклопува во фудбалската визија на тренерот Лучано Спалети, кој сака дефанзивци способни да преземат одговорност во изградбата на нападите и квалитетно да ја изнесуваат топката од последната линија.

Токму играта со топка во нозете е една од главните карактеристики на Лукуми. Тој ја започна професионалната кариера во Депортиво Кали, а на европската сцена се афирмираше во белгиски Генк, каде што настапуваше од 2018 година.

Во 2022 година премина во Болоња, каде што во изминатите четири сезони одигра 152 натпревари во сите натпреварувања. Сега го очекува нов предизвик во Торино, каде што ќе биде дел од одбраната на Јувентус.

Се вчитува...